Синоќа свечено беше отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта. Нејзиното 38-мо издание е посветено во сеќавање на Ѓорѓија Целески, основоположникот на ликовната колонија.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески поздравувајќи ги учесниците на Ликовната колонија и присутните гости истакна дека 38–те години творештво на колонијата покажуваат дека Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку највисок културен дострел на Белчишта , како седиште на општината и на општина Дебрца.
“Основоположниците на колонијата пред 40 тина години можеби и самите не биле свесни дека создале културна рожба , која денес е блескаво културно наследство и уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство.Општина Дебрца останува партнер на новото раководство на уметничката колонија во нејзините заложби да се врати стариот сјај на една од најстарите ликовни колонии во Македонија.”-истакна градоначалникот.
На интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, годинава ќе творат 10 ликовни уметници и тоа : Маестро Јордан Манасиески – Охрид, Маестро Ставре Димотров Стадим – Скопје, Маестро Запро Запров – Скопје, Г-дин Војдан Запров – Скопје, Натали Николоска – Скопје, Андреј Антевски – Куманово ( најмладиот учесник на овогодинешната Колонија). Странски автори : Леетив Намдаг Жанчивин – мистер Ли ( монголскиот конзул), Петар Бељашки Бугарија, Велислава Пожгорска – Бугарија, Светлана Солодова – Русија.
Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“ што завршува на 13-ти овој месец, има најбогат фонд уметнички дела во земјава и располага со над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија и светот што претставува, непроценливо македонско и светско културно наследство.