Инфлацијата во јули изнесувала 8,4 проценти
Индексот на трошоците на животот во јули 2023 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 8,4 отсто, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,9 отсто.
Во јули 2023 година, споредено со претходниот месец, индексот на трошоците на живот е зголемен за 1 отсто, додека индексот на цените на мало пораснал за 1,6 отсто, покажуваат податоците од Државен завод за статистика.
Пораст на индексите на трошоците на животот во јули 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 12,6 отсто, лебот и житата за 3,8 отсто и сирењето и урдата за 1,8 отсто, додека поскапувањата на другите производи е под 1 отсто.
Во јули, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт за 30,9 отсто, електричната енергија за 4,3 отсто, услугите за сместување за 4,2 отсто, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 2,8 отсто, течните горива за домаќинствата за 2,5 отсто, фризерските салони и центрите за разубавување за 2,4 отсто и другите печатени материјали за 2,2 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во јули 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4,8 отсто, маслото и маснотиите за 3,6 отсто, жестоките пијалаци за 0,9 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место и виното за 0,2 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 7,1 отсто, медиумите за снимање за 5,2 отсто, парамедицинските услуги за 4,7 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 3,9 отсто, високото образование за 2,7 отсто и информатичката опрема за обработка на податоците за 1,3 отсто.
На годишно ниво, најголем раст на инфлацијата е регистрирана кај храната и безалкохолните пијалаци, чии цени пораснале за 11,8 отсто.