Охридските пензионери продолжуваат со протестите за линеарно зголемување на пензиите
Охридските пензионери денес повторно излегоа на протест. Се собраа пред просториите на Здружението на пензинери на Охрид и Дебрца, со едно и единствено барање, линеарно зголемување на пензиите. Бараат по 3.500 денари повисока пензија за сите пензионери. Поддршката од раководството на здружението на пензионери и денес изостана. Поради тоа, учесниците на денешниот протест побараа оставка од членовите на сегашното раководство на Здружението.
Ристо Калајџиески од огранокот на ЗП од „Воска“ вели, дека се работи на менување на статутот на здружението, да не може да се управува повеќе од два мандати.
„Ова раководство е избрано со слабоста на наши колеги. 40% на констиутивната седница ја напуштивме. Си изгласаа по теркот 30 години владеење. Го заменаа Тито во своето неуспешно и никакво раководење. Ја поддржуваме иницијативата за линеарно зголемување на пензиите. нема пензионер кој не ја поддржува таа иницијатива. Стоиме зад неа и ќе се бориме до крај. Исто така бараме оставка, од тие што требаше да даваат тука изјава, а не делегат од здружението од Воска. Тие работат криминално, без формирани тела и нецелосни тела.“ – изјави Калајџиески.
„Официјалното здружение на пенизонери не застана зад нашите барања. Половината од делегатите застанаа. Да расчистиме во старт. Спонтан е собиров трет по ред. Сакам да нагласам дека собирот е неполитички, не партиски туку граѓански. Прво, главно и основно барање е линеарно зголемување на пензиите.“ – вели Кирил Јосифоски – пензионер.
Денес, освен во Охрид и во Скопје, пензионерите протестираат и во други градови од земјава. Барањата се идентични. Минималната пензија да биде 18.000 денари, линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари и зголемување на надоместоците. Пензионерите велат дека со ниските пензии тешко е да се живее, примањата не стигнуваат ни за сметки и лекови и нема да отстапат од нивните барања.
„Еве јас како живам на пример. Јас сум на пример со 5.400 денари пензија, македонска. Никако не се живее. Само за апчиња ни стигнува, а не за козметика, да земеш како жена. Како што гледам нема живот, искрено и затоа дојдов да ги поддржам пенизонериве и да се зголеми пензијата повеќе, не за 3.500. Како тие во парламентите што знаат да земаат по 4-5 000 евра, па нека дадат по 300 евра за една минимална пензија.“ – вели Дола Грујоска.
„За разлика од другиве имам нешто можеби повисока пенизја која не ми стига ни мене. Да ги прашате овие што земаат високи плати како го издржуваат месецот, камо ли еден пензионер со 12 или 15 000 денари пензија. Ова е жива срамота. Треба да се поводи сметка. Овој народ треба да заживее и да види нешто од она кое го оставил позади. “ – вели Стојан Буџакоски – пензионер.
Со најавеното зголемување на пензиите од септември за 6.8%, пензионерите со најниска пензија ќе добијат плус околу седумстотини денари, додека оние со повисоки пензии до 2000 денари.