Со пригодна свеченост, вчеравечер во селото Велестово беше означен почетокот на 35 –то издание на интернационалната културна манифестација, “Поетска ноќ во Велестово”.
Манифестацијата се реализира со поддршка на Општина Охрид , а на свеченото отворање пригодно обраќање имаше советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева Стојановска.
“Горди сме што Охрид продолжува да биде центар на уметноста и тоа што сме домаќини на вакви културни случувања. Овој фестивал е најзначајниот меѓународен настан од областа на поезијата во нашиот град, кој го привлекува вниманието на истакнати поети од целиот свет. Посакувам оваа манифестација да продолжи и понатаму да биде извор на неизмерна инспирација и да продолжи да не носи на незаборавни поетски патувања.Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков, би сакала да искажам огромна благодарност до организаторите, за нивната неуморност и посветеност на една ваква манифестација, која опстојува повеќе од три децении, со надеж и желба дека и во иднина ќе може да уживаме во уште поуспешни фестивалски изданија.Почитувани, Охрид има уникатна природна убавина и непроценлива историска и културна вредност. Со се што поседува овој град претставува вистинска инспирација за уметност и совршено место за творење и креативно усовршување. Ве поканувам да го искористите престојот во нашиот туристички бисер и да понесете незаборавни спомени, истакна Тодева Стојановска во своето обраќање.
Во рамки на свеченото отварање се одржа промоција на книгата „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ во која се застапени 114 поетеси од повеќе етникуми, што твореле и творат на територија на државата. Исто така беше одржано и Интернационално поетско читање и беше отворена изложбата на уметникот Тони Попов.