Претставата „Лагата“ вечерва ќе ја спушти завесата на 63-тото Охридско лето
Импресивни, возбудливи и блескави доживувања на врвните концерти и театарски претстави кои ги понудивме на ова 63. фестивалско издание на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, и Центарот за култура се сведоштво дека фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот. Фестивал кој е меѓу петте најдобри во Европската асоцијација на фестивали.Ова денеска на завршната прес-конференција по повод годинешното фестивалско издание го изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
–Реализиравме восхитувачки настани кои публиката ги проследи со огромна радост. За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележиме 50 процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е посебно значајно, е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика. Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници. Околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… вградија дел од себе за да го направат возвишено и успешно годинешното издание на „Охридско лето“. Изминативе 40 дена создадовме убавина а во фестивалската историја впишавме светски уметници кои ја надополнија големината на фестивалот, рече Поповиќ.
Селекторката на музичката програма на фестивалот, Бисера Чадловска рече дека годинава не изостана квалитетот во поглед на музичкиот репертоар на фестивалот.
–Изминативе 40 дена кажавме сѐ што имаме да си кажеме за оваа година. Оставам делата да зборуваат, а нам како селектори посакувам да се надминеме себеси идната година. На крајот на целиот фестивал и по последниот концерт којшто вчера се одржа на програмата на „Охридско лето“, ни останува само да се заблагодарам на сите вработени во Националната установа „Охридско лето“ за нивната несебична поддршка и нивниот огромен труд којшто го вложија во овој фестивал, рече Чадловска.
Според селекторката на драмската програма, Сања Арсовска, годинешното фестивалско издание и во поглед на театарските претстави е едно од најуспешните.
–Како што можеме да видиме од впечатоците на публиката, ова беше едно ретко успешно издание. Тоа го кажуваат и интересите и продажбата на билетите за театарските претстави. Имавме навистина богата театарска програма, почнувајќи од оф претставата „Бикот на Фаларис“, преку спектакуларната „ Исповедите на серискиот убиец“ со Џон Малкович, „Ана Каренина“ на Пројковски, Жолдаковата „Едвард Втори“, „Сергеј е многу глупав“ од Охридскиот народен театар, магичната „Декамерон“ на Прилепскиот театар, неверојатната „Нора“ на Нела Витошевиќ, а ова лето ќе биде запаметено како посебно, вклучувајќи го и затворањето што ќе се случи вечерва, со претставата „Лагата“ во режија на Никола Љуца а во продукција на Драмскиот театар од Белград, кажа Арсовска.
Завесата на годинешното фестивалско издание ќе биде спуштена вечерва со театарската претстава „Лагата“ и извонредните актери од Драмскиот театар Белград.
–Ова е прво учество на Драмскиот театар Белград на фестивалот „Охридско лето“ што ни импонира зашто сметаме дека „Охридско лето“ е еден од најзначајните фестивали, не само во регионот, туку и пошироко. Се радуваме што вечерва ќе играме пред повеќе од двеилјадна публика. Драмскиот театар Белград е најстариот градски театар во Белград основан 1947 година. Нашата интенција е да се промовираат новите тенденции во театарот. И вечерашната претстава „Лагата“ е на тој пат, во режија на Никола Љуца, извонреден млад уметник кој подеднакво е добар и во театарот и во филмот. За оваа претстава што е на нашиот репертоар досега не остана ниту една карта непродадена, рече директорот на Драмскиот театар во Белград, Југ Радивојевиќ.
Во претставата „Лагата“ играат Милош Биковиќ кој важи за еден од најпопуларните актери во регионот, Тамара Крцуновиќ, Јелисавета Теодосиќ и Миодраг Радоњиќ.
–Имавме еден многу интересен процес во текот на создавањето на оваа претстава. Режисерот Љуца цело време нѐ враќаше на основните актерски задачи. Во текот на целиот процес соработувавме со него, но и меѓу себе како актери, појасни актерката Јелисавета Теодосиќ. -Особено ми е мило што работам со колеги коишто се многу дисциплинирани и што секогаш сме концентрирани на она што го работиме. Секој пат го менуваме амбиентот што секако не е лесно за овој вид претстава која е работена амбиентално, изјави актерката Тамара Крцуновиќ.
Еден од најпопуларните актери во регионот, Милош Биковиќ токму преку оваа претстава првпат доаѓа во Охрид и како што кажа пријатно е изненаден од градот, убавините, нои од големината на фестивалот „Охридско лето“.
– Многу ми се допаѓа Охрид и езерото, но и тоа како вие го одржувате нивото на овој фестивал. Што се однесува до самата претстава, имате впечаток дека репликите се многу природни како да сте влегле во некоја спална соба и слушате разговор. Вечерва ќе ни биде предизвик тоа да го одиграме пред две илјади гледачи на Античкиот, а повторно да го задржиме чувството како да сме влегле во нечија спална соба, истакна Биковиќ.
Во претставата „Лагата“ игра и актерот Миодраг Радоњиќ, телевизиски, филмски и театарски актер и продуцент.
–Она што јас го извлеков од оваа претстава е дека човек за да лаже успешно, мора да ја интегрира таа лага во својот живот, да ја памети и да поверува во неа. Потоа таа станува на некој начин вистина која истиснува некоја друга вистина во неговиот живот. Накратко, човек жртвува некаква вистина заради една лага, рече Радоњиќ.
Театарската претстава „Лагата“ ќе се одигра на Античкиот театар со почеток во 21 часот.