Спасовски: Никој нема да биде казнет ако навреме не ги промени личните документи
Ќе нема никакви казни за граѓаните кои до февруари 2024 нема да ги сменат личните документи со Северна Македонија, изјави денеска Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Досега документи со името Северна Македонија извадиле околу еден милион граѓани. Спасовски е убеден дека успешно ќе се завршат промените на личните документи во предвидениот рок.
„Во континуитет работи погонот за производство на лични документи двосменски, работи во сабота и во тој законски предвидениот рок од 15 дена се постигнува да се издадат сите лични документи коишто ги имаме, така што динамиката која што ја имаат вработените се прилагодени за да се издадат сите лични документи“ – рече министерот Спасовски денеска на прес-конференција.
Граѓаните треба да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото уставно име на државата, до февруари идната година, како обврска која произлегува од Преспанскиот договор.