Skip to main content

Спорт

Охридскиот пливачки маратон, круна на Ohrid Water Festival

Се е подготвено за триесет и шестото издание на Охридскиот пливачки маратон. 15 натпреварувачи ќе ги одмерат силите во маратонско пливањe.
 |  Голабовски Крсте  | 
Организациски одбор Маратон

Кулминацијата на водените спортови и спортскиот дух ова лето, претставува утрешното, 36-то по ред издание на Охридскиот пливачки маратон. Подготовките се при крај, а во интерес на задржување на натпреварувачкиот дух на маратонот, годинешното издание ќе ги наградува натпреварувачите и за најбрзо поминување на двата контролни пунктови, за разлика од години наназад, кога публиката очекуваше фото финиш на секое од изданијата, истакна на денешната прес конференција Кирил Пецаков – Градоначалник на Општина Охрид.

„Чест ми е што го направивме Охридскиот пливачки маратон да биде круна на еден сосема нов почеток, сосема нов концепт, како штп е „Фестивалот на водени спортови“, каде ние како ЛС целосно застанавме зад овој проект. И едноставно самиот настан, Охридскиот пливачки маратон, традицијата 36-то или ако сакате 61 година од неговото започнување, го заслужува епитетот круна на „Ohrid Water festival“, – кажа Кирил Пецаков – Градоначалник Општина Охрид.

На патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри оваа година ќе запливаат вкупно 15 натпреварувачи од кои, шест во женска и девет во машка конкуренција. Оваа година покрај домашните пливачи, на маратонот ќе учествуваат и пливачи од Франција, Холандија, Италија, Аргентина и Турција. Наградниот фонд изнесува 12 илјади евра, соопшти Ристе Јанкоски координатор на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон.

„Прво место 2.500 евра, второ место 1,500 евра и трето место 1000 евра. Новина оваа година се два летечки спринта, со награда од по 500 евра и во машка и во женска конкуренција. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде истиот ден во дворот на Хотел „Палас“. Во програмата на маратонот е и младинска работилница од програмата за развој на ОН и СОСУ „Св.Кирил и Методиј“, – објасни Ристе Јанковски – Организацискиот одбор на маратонот.

Синоќа беше доделена спортската награда „Климе Савин“, на еден од најистакнатите македонски пливачи Томи Стефановски. Тој истакна дека годинешното издание на маратонот се издвојува поради квалитетот на учесниците, се создава една екипа со која може да се работи на некои поголеми работи. Овој прекрасен град и Охрдиското Езеро треба да ги направиме центар на светското маратонско пливање, токму во годината која ќе остане како година која е најтешка за маратонското пливање, објасни Стефановски.

„Во машка конкуренција ни доаѓа третиот од Светското првенство во Анжу, италијанецот Алесио Очипинти, победник на Капри Наполи маратонот минатата година, доаѓа холанѓанецот Марсен Шоутен кој е четврти на Европското првенство, победник на Капри Наполи и ФИНА десет километри маратонски трки. Во женска конкуренција ја имаме французинката Каролин Жуис, европска првакиња, аргентинката којашто е победник на маратонот во Робервал, имаме од Турција млада девојка многу добар базенски пливач“, посочи Томи Стефановски – маратонски пливач.

Организатор на маратонот е Општина Охрид во соработка со Националната пливачка федерација и Агенцијата за млади и спорт, а технички организатор е клубот „Охридски бранови 2008“. Програмата на Фестивалот на водени спортови продолжува во вечерните часови со настапот на КУД „Отекс“ кои годинава бележат јубилејни 40 години од своето постоење, по што следи настап на Ансамбл „Билјана“. Публиката ќе може да ужива и во вксуот на македонската традиционална храна на Слоу Фуд.