Успешно прво издание на Ohrid Water Festival
Охрид деновиве дишеше во знакот на водените спортови. Маратони, пливачки натпревари, едриличарски регати, кајак регати, трки со СУП, нуркање, ватерполо и еднакво толку голем број социјално-едукативни настани, беа понудата на годинешното, прво издание на фестивалот на водени спортови популарно познат како Ohrid Water Festival. Од организацијата ги сумираат впечатоците, сеуште под импресси од синоќешната Рок симфонија на Камерниот оркестар на Битола пред платото на хотелот Палас, последниот од низата настани за ова прво издание на фестивалот. Заштитата на Охридското Езеро и развојот на спортовите на вода, како и целокупниот развој на Охрид, особено преку празвојот на туризмот, биле појдовните точки за создавањето на оваа манифестација, вели Иван Цветкоски, од организациониот одбор на фестивалот. Самата реализација на првото издание, на таа првична идеја, седнувањето на маса заедно на сите инволвирани, е оптимистички предзнак дека фестивалот ќе биде нешто што ќе трае.
„Водените спортови во спој со културното богатство на Охрид и со самиот град, можат да понудат еден производ којшто навистина ќе има голем импакт за сите нас кои живееме во Охрид. Ние вчера завршивме со Битолскиот камерен оркестар, за мене без да потценам било кој, концерт на летото во Охрид. Заради имиџот, стилот и сето она што претставуваше и што го направија вчера. Многу битно е дека ние треба да разговараме за се што треба, отоврено на маса. Нема нешто што не може да се реши и разбере. Генерално, најголемиот успех е што ние покажавме единство“- објасни Иван Цветкоски од организацијата на фестивалот.
Сите настани, во голем број, беа посетени од страна на Охриѓани и гостите. Некои настани, за Цветкоски, навистина пријатно изненадување.
„Јас се воодушевив, а и рефенренците кои дојдоа од настанот кој го организираше со кајак клубот „Стрмец“. Имаше повеќе од 80 кајакари присутни коишто во овие 15-20 години доаѓале во Охрид, но сето она што го видоа како концепт беа, многу пријатно изненадени“- вели Иван Цветкоски од организацијата на фестивалот.
Како пропратен дел на фестивалот реализирани беа и голем број социјално-забавни настани, на повеќе локации во градот, музички концерти, промоции на реквизити за водени спортови, промоции на традиционална храна, изложби на фотографии, панел дискусии и други културни и едукативни содржини.
„Музиката е неизбежен дел од спортот. И тој дел на забава, на дружење, кој го носи со себе музиката, е многу потребен за нас, а посебно за нас охриѓаните. Другиот дел кој го имавме во оние ноќни програми, беше во целост поврзано со водените спортови. Изложби кои не потсетија на историјата, на традицијата, на дел од спортовите, имавме панел дискусија којашто помина феноменално, наменета на заштитата на Охридското Езеро- вели Иван Цветкоски од организацијата на фестивалот.
Реализацијата на првото издание на Фестивалот на водени спортови, не би била возможна без целосната поддршка од Општина Охрид и залагањата на градоначалникот Кирил Пецаков, истакна Цветкоски. Подготовките за фестивалското издание за 2024 веќе започнаа денес, со утринското кафе, вели Цветкоски, и ветува уште поголем број нови содржини, многу повеќе гости учесници догодина, како и реализација на нови идеи.