Охриѓанката Јована Котушеска во борба за европски шаховски медал
Црно белата табла на шахот еволуираше повеќе од две илјади години за да биде она што е денес. Има богата историја, преполна со многубројни возбудливи приказни што чекаат да бидат раскажани. Една таква приказна, на почетокот на месец септември, од Европското првенство за младинци, во Мамаја Романија, ќе се обиде да раскаже и младата охридска шахистка, Јована Котушеска. Таа ќе ги брани боите на Македонија и на Шаховскиот клуб „Алкалоид“ од Струга. Љубовта кон оваа игра, уште кога имала само 5 години, на Јована и ја пренел нејзиниот дедо, а првата нејзина средба со шахот, во шаховскиот клуб во Охрид, била доволна за една долга и искрена љубов и посветеност. Шахот е платформа преку која децата можат да ја развиваат својата логика, па дури и да учат математички вештини.
„Јас интерес покажав за шахот, откако дедо ми ме научи да играм шах, од порано, кога имав пет години. Од тогаш се запишав во шаховски клуб во Охрид и дознав дека играта шах знае да биде многу интересна. Потоа, кога ги поминав првото и второто одделение, дознав дека многу ја сакам и математиката. И еден ден мајка ми кажа дека се некако поврзани, ако си бил добар во математика, си бил добар во шах“, – вели Јована.
Уште пред две години, кога го освои првото место на Општинскиот натпревар, извесен беше нејзиниот пат до борбата за европските одличја. Се помал е бројот на соиграчи од нејзиното семејство, нејзините пријатели кои го сакаат шахот, и нејзините соиграчи од клубот, кои се предизвик за Јована. Достоинствени во победата и претворање на поразот во лекција. Шахот е игра каде што се укинуваат сите бариери и разлики. Во него сите се еднакви. Но, за да се одигра една возбудлива партија шах, треба да се навлезе длабоко во бројните тајни на оваа паметна игра. Јована ги учела и ги учи од сите со кои игра, почнувајќи од нејзиниот дедо, па се до тренерите и соиграчите во клубовите.
„Отварањето е многу важно, зошто преку него се одлучува како ти се пешаците наместени, што е пак многу важно за крајот на играта. „Омилено отварање, ми е Италијанското, зошто е најстабилно и многу брзо се прави рокада во отварањето и потоа можеш лесно да играш.„Најмногу работиме на отварања и тактики мислам. Тие се најважни во шахот. Исто е важно е да можеш да предвидиш што ќе игра противникот и да ја реализираш многу добро играта“, – ни обајсни Јована.
Но, сепак, најважно за децата е што шахот пред се, е една забавна игра, во која се ангажирани двете хемисфери на мозокот, па, така, од една страна ќе се развива коефициентот на интелигенција, а од друга страна емоционалната интелигенција. Придобивките од изучувањето шах се многубројни и долготрајни. Прво ја зголемува концентрацијата, односно фокусот на одредена тема подолг временски период. Понатаму, ја зголемува таканаречената фотографска меморија, бидејќи шахот е игра на слики. Во ерата на дигиталната технологија и вештачката интелегенција, кога се достапни, најразлични програми, апликации и симулации на шахот кои може да се играат на компјутер, Јована сепак претпочита, спроти себе да има реален противник.
„Мислам дека е подобра играта против жив противник, дека има повеќе можност да згреши, како еден нормален човек. Зошто кога се игра на компјутер, тие се програмирани во момент на играта да згрешат и да направат многу глупава грешка, за одма да можеш да ги победиш“, – кажа Котушеска.
Најдолгата партија шах која Јована ја одиграла, траела три часа. Се сеќава дека била долга и мачна игра, пред се игра на нерви, која завршила со реми. Јована ги следи редовно видео записите на шаховските партии на големите велемајстори на оваа игра. Нејзин шаховски идол е американецот Хикару Накамура. Јована сега ќе биде дел од тимот на најуспешни млади шахисти кои ќе ја претставуваат Македонија на Европското првенство за младинци, кое од 5 до 14 септември, ќе се одржи во Мамаја, Романија.