Вечерва протест пред Влада за случајот со Онкологија
На социјалните мрежи граѓаните масовно споделуваат повик за протест за наводите за злоупотреба на терапијата за болните од рак на скопска Онкологија, случај кој ја згрози македонската јавност а за кој МВР и ОЈО водат предистрага.
Според информациите кои се споделуваат, протестот ќе се одржи денеска во 18 часот, пред Владата. Според најавата на групата на Фејсбук протестот од Влада ќе продолжи пред Министерството за здравство каде ќе бидат побарани оставки од актуелни функционери како и одговорност од сите министри за здравство.
Во петокот, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и во приватни станови во Скопје. Од Јавното обвинителство информираа дека акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови поврзани со работата на Клиниката.