Училниците од година во година стануваат сè попразни
Се намалува бројот на ученици во Охрид. За прв пат во охридската гимназија оваа учебна година се запишаа само 91 ученик, а се формираа паралелки по 13 ученици. Во прва година во трите општински средни училишта: во Охрид се запишаа 450 ученици, десетина помалку од лани. Драстично намалување има кај првачињата, деведесттина помалку од лани. Главни фактори за ваквата состојба се иселувањето, но и намалениот наталитет.
Дополнително, кај младите расте интересот за стручно образование особено техничките науки и информатиката, а се намалува за гимназиско.
„Станува збор за еден вид дигитализација на општеството, младите се повеќе се поблиску до техниката и побрзо се одлучуваат. Сите овие промени носат младите да ги избегнуваат оние општи занимања сакаат веќе струка, па дури и во средно образование”, вели професор Сашо Коруноски.
Училниците од година во година стануваат сè попразни. Пред две децении во охридската гимназија годишно матурирале по 1200 ученици, а лани имало само 450 матуранти. Состојбата е загрижувачка.
„Се укинуваат паралелки, згаснуваат училишта, згаснуваат работни места и ситуацијата треба навистина да не загрижи. Мора да се бориме со тој проблем да го зголемиме квалитетот на многу паднатиот воспитно образовен процес”, вели професорот Перчо Божиноски.
Според професорската фела потребна е сериозна анализа и мерки од страна на државата, бидејќи се намалува и бројот на студенти, младите се повеќе перспиктивата ја гледаат во студии во странство.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во последните 13 години бројот на средношколци во земјава е намален за 24 илјади ученици.
Новинар Соња Рилковска