Skip to main content

Битиќи: Нема да дозволиме нефер трговски практики на штета на потрошувачите

Според вицепремиерот постојат реални околности кои посочуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи.
 |  инфодеск  | 
Маркет

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска во просториите на Комисијата за заштита на конкуренцијата се сретна со нејзиниот претседател Владимир Наумовски.

На состанокот Битиќи укажал дека Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата кои ја нарушуваат слободната конкуренција и носат директна штета на граѓаните. Според вицепремиерот постојат реални околности кои посочуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи, со што го контролираат и ограничуваат нивното слободно пазарно формирање, а со цел зголемување на нивната добивка.

Заеднички на состанокот било констатирано дека е потребно отпочнување на постапки од страна на надлежните институции, вклучително и на Комисијата, а согласно законските надлежности, за истражување дали постојат одредени законски повреди и злоупотреби кои доведуваат до нефер зголемување на крајните цени за потрошувачите.

Исто така, заедно со претседателот на Комисијата, оценивме дека Законот за нефер трговски практики, кој е во постапка на донесување, ќе реши дел од проблемите кои постојат помеѓу производителите и трговците.