Одбележан светскиот ден на првата Помош
Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни заложби го има ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди.
„Токму затоа е потребно секој да одвои час два за да научи основни вештини за укажување прва помош и реанимација, за да може да си укаже и себе си, но и на оној кој што се наоѓа во таква ситуација.„Да се биде на лице место, да се научи, да се осети фантом куклата, да се осети телoто на човекот, да се осети дефиблираторот, да се види како функционира. Друго е вие да научите од телефонот, или на видео, друго е да сте присутни тука“, – кажаСашо Точков – Претседател на О.О. Црвен Крст Охрид.
Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитeтi на секој човек за преземање на брза акција, со цел, намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот. Само годинава, екипите на Црвениот Крст од Охрид реализирале 800 интервенции, повеќето од нив, за време на летната сезона. Темата на годинешниот Светски ден за Прва помош е „ПРВА ПОМОШ ДОСТАПНА ЗА СИТЕ! ПРВА ПОМОШ ВО ДИГИТАЛНИОТ СВЕТ“.
„Што се однесува до дигиталното во првата помош, тоа се оние апликации кои и ние ги користиме, коишто се објавени. Нашите сограѓани може да ги симнат на своите телефони и да ги научат основните чекори на првата помош, во зависност од тоа каква е потребата и видот на повреда за укажување на прва помош“, -вели Сашо Точков – Претседател на О.О. Црвен Крст Охрид.
На овој ден својата хуманост можеа да ја искажат и сите наши сограѓани кои имаа желба и потреба да даруваат крв на крводарителската акција која во организација на Црвен крст Охрид се спроведе во Центарот за култура „Григор Прличев“ во периодот од 10 – 14 ч., под мотото ДАЈТЕ КРВ! РАЗУБАВЕТЕ ГО ДЕНОТ СЕБЕ СИ И НА ДРУГИТЕ! Во акцијата беа собрани осум единици од драгоцената течност.