Заштита и спроведување на препораките на Унеско има само на хартија. Ова се реакциите на невладините по одлуката на комитетот на Унеско во Ријад, дека Охридскиот регион останува Светско природно и културно наследство. И Меѓународната организација за зачувување на природното наследство ИУЦН (IUCN) даде негативен извештај и побара Охридскиот регион да биде ставен на листата Светско наследство во опасност.
Прогласувањето на подрачје во ризик ќе имаше низа позитивности, велат експертите. Построг режим на заштита и контрола, повеќе мониторинг мисии од Унеско и поголем успех во зачувувањето на природното и културното богатство.
„Јас може да ви кажам дека Извештајот од ИЦУН (IUCN) не е позитивен. Исто бараат да го вклучиме овој регион како регион на Унеско во ризик. Конкретно и реално решение за сите препораки на Унеско нема во документите. Нема некој реален план за ревитализација што ја бара Унеско од двете земји”, – вели Аријан Мероли експерт за животна средина.
Струшките невладини реагираат и на новиот предлог закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје – Споменик на природата.
„Ние заедно со експертите за животна средина и другите невладини сме многу загрижени во делот како државата се однесува кон нашето езеро. Не знаеме што не чека, не се јасни и не се консултирани експертите што се бават со таа работа години наназад” , вели – Ндерим Положани од Невладината „Кап” Струга.
„Наспроти невладините, министерката за култура тврди дека експертски тимови на двете држави го изготвија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, што е значаен чекор во спроведување на препораките и заштитата, а воедно е позитивно оценет од страна на Комитетот за светско наследство“.
Новинар Соња Рилковска