Потребна е ренџерска служба за заштита на рибниот фонд во Охридското Езеро
Еко ренџери да го штитат Охридското Езеро од рибокрадците, предлагаат невладините организации. Да се формира засебна служба, која во соработка со езерската полиција и експертите од научната установа Хидробиолошкиот институт, ќе го зголеми надзорот и заштитата на рибниот фонд.
Потребни се секојдневни патроли и видео надзор за заштита на ендемичните видови риби, кои со години се на работ на исчезнување.
-„Како невладина организација ја нарековме еко ренџери , како не јавно претпријатие, туку како прептријатие кое навистина ќе соработува со МВР а и ние како НВО ќе доставиме барање во периодот кога се мрести охридската пастрмка 24/7 да патролираме заедно со МВР и езерската полиција”, вели Сашо Кироски од Невладината „Енхелеус”.
Според еколозите, со езерото треба да управуваат локалните власти на трите градови Охрид, Струга и Поградец.
„Да го земат локалните власти на Охрид, Струга и Поградец и соработуваат, да се чува сателитски, мислам дека ќе се стабилизира рибниот фонд. Пастрмката ќе добие слобода во движење, ќе дојде во контакт со плашицата и ќе ја користи во исхраната и се очекува во нагорна линија да оди рибниот фонд во водите на Охридското Езеро”, вели Лазе Наумоски еколог.
Пет години нема вештачко порибување на Охридското Езеро за зголемување на рибниот фонд. Во март годинава беше распишан тендер за издавање на Охридското езеро под концесија за стопански риболов, беше избрана фирмата „Еко свест” од Струга, но не склучија договор.
Новинар Соња Рилковска