Градоначалникот Пецаков оствари работна средба со делегација од Република Полска
Градоначалникот Кирил Пецаков, синоќа, оствари плодотворна средба со делегација на Република Полска. Полската делегација беше составена од владини претставници, претставници на бизнис заедницата и стопанската комора.
На состанокот исто така беа присутни и генералните менаџери на најголемите компании во охридскиот регион, како и претставници на туристичкиот сектор во градот и претставници на агенцијата за промоција на туризмот.
„Средбата која се одржа на иницијатива на градоначалникот беше искористена за размена на идеи и мислења, како и понуда на конкретни соработки во повеќе области. Тука се разговараше за овозможување на услови за привлекување на полски инвеситции во делот на управување, селектирање и рециклирање на комунален и друг вид на отпад, инвестиции во енергетската област. Понатака стана збор и за директно поврзување на Општина Охрид со некои општини во Полска, преку потпишување на меморандуми за соработка од кои ќе произлезат соработки во областа на културата и образованието.“ – информираат од кабинетот на градоначалникот.
Оттаму додаваат дека се разговарало и за унапредување на веќе добарата соработка во областа на туризмот, пришто од страна на претставникот на агенцијата за промоција на туризмот биле презентирани бенефициите кои би ги имале полските туроператори доколку работат на македонскиот пазар.
Соговорниците се сложиле дека овој тип на состаноци треба да продолжи и продлабочи и понатака.