Над 200 ученици од Балканот во Охрид се натпреваруваат во готварство, угостителство и туризам
Регионaлниот центар за средно стручно образование “Ванчо Питошески”- Охрид, е домаќин на единаесеттиот по ред, Меѓународен натпревар на ученици од угостителски и туристички училишта (GATUS – 2023).
Над 200 учесници од 15 училишта од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Србија, Црна Гора и Република Македонија се натпреваруваат во дисциплините, угостителско послужување и подготовка на туристички аранжман, со акцент на планинскиот рурален туризам.
Директорот на Регионaлниот центар за средно стручно образование и обука “Ванчо Питошески”- Охрид, Марјан Радески рече дека Охрид за првпат е домаќин на еден вака голем натпревар на кој ќе бидат презентирани вештините во областа на готварството, угостителството и туризмот во три дисциплини келнери, готвачи и подготовка на туристички аранжман.
„Овој натпревар има големо значење бидејќи доаѓаат училишта коишто се најдобри во своите држави кои се од поранешна Југославија. На овој начин учениците, а и ние како држава ќе видиме до каде сме во однос на другите земји од регионот. Се надевам дека ќе придонесе да побуди поголем интерес во однос на зголемувањето на бројот на ученици”, вели Радески.
Славица Штерк од Словенија смета дека поврзувањето на училиштата, искуствата и добрата практика на младите генерации им дава една поинаква слика за поквалитетен кадар во угостителството и туризмот.
Во рамките на Меѓународниот натпревар учесниците ќе имаат прилика да ги посетат и најзначајните споменици на историјата и културата во старото градски јадро, манастирскиот комплекс “Свети Наум” и локалитетот- наколно живеалиште “Залив на коските”.
На најдобрите и највештите учесници – ученици и ментори, ќе им бидат доделени златни и сребрени признанија.