Skip to main content

ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид

Тркалезна маса за „Мрежите духови“ во Охридското езеро организираат Хидробиолошки завод и Healthy Seas

Тркалезната маса на засегнати страни со дискусија за проблемите предизвикани од МРЕЖИТЕ ДУХОВИ ќе се одржи на 06.10.2023 г. (петок), во 10:00 часот, во зградата на Општина Охрид – сала за состаноци.
 |  инфодеск  | 
Мрежи Духови

ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид и HEALTHY SEAS организираат тркалезна маса на тема: „МРЕЖИТЕ  ДУХОВИ” КАКО ГЛОБАЛЕН ПРОБЛЕМ ЗА ВОДНИТЕ ЕКОСИСТЕМИ И ЧЕКОР НАПРЕД ВО РЕШАВАЊЕТО НА ОВОЈ ПРОБЛЕМ ЗА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО.

На настанот ќе бидат претставени резултатите од  Пилот проектот за регистрирање и отстранување на напуштените, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи – МРЕЖИ ДУХОВИ од Охридското Езеро, спроведен со цел детекција на повторна акумулација на рибарски мрежи на одредени локалитети во Охридското Езеро, кои воедно претставуваат природни рибни плодишта на ендемичната охридска пастрмка и одредување на динамика за нивно отстранување во наредниот период.

Тркалезната маса на засегнати страни со дискусија за проблемите предизвикани од МРЕЖИТЕ ДУХОВИ ќе се одржи на 06.10.2023 г. (петок), во 10:00 часот, во зградата на Општина Охрид – сала за состаноци.

Поздравни обраќања ќе имаат  Бен Оортвијн  и Кристина Виегерс  од  Healthy Seas,  Д-р Орхидеја Тасевска – Директор на ЈНУ Хидробиолшки завод – Охрид ,  Виолета Михајлоска oд Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  и  Кирил Пецаков – Градоначалник на Охрид. Излагања за проблемот ќе имаат Вероника Микос, директор на Healthy Seas, Душица Илиќ- Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид, Јован Секулоски од Нуркачкиот Центар „Амфора“ и Паскал ван Ерп, основач на Ghost Diving Foundation.

Healthy Seas е непрофитна организација основана во 2013 год. посветена на заштитата на морските екосистеми  чија сновна мисија е отстранување на напуштените рибарски мрежи и други пластични отпадоци од морињата и подигнување на свеста кај луѓето за значењето и зачувувањето на морските екосистеми за идните поколенија. Во 20 земји од 7 региони на светот, Healthy Seas организираат и спроведуваат активни програми на отстранување изгубени, напуштени и на друг начин оставени рибарски мрежи и цврст отпад со нуркачки експедиции и акции. За првпат оваа организација во своите активности ќе вклучи отстранување на „мрежи духови“ во слатководен екосистем со реализација на Пилот проект на Охридското Езеро каде, во соработка со ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид и Нуркачкиот центар Амфора од Охрид, со неколкудневна детекција и отстранување на напуштените, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи ќе помогне во ослободување на дел од рибните плодишта на охридската пастрмка од акумулираните мрежи во последните 5 години.

Ghost Diving Foundation е најголемата и најискусна глобална нуркачка организација фокусирана на феноменот „мрежи духови“ со искуство во широк спектар на земји и меѓународни води. Ghost Diving се состои исклучиво од волонтери кои спроведуваат иновативни и предизвикувачки проекти за зачувување на природата независно или со помош на познати и помалку познати еколошки организации

Со организација на тркалезна маса со локалните засегнати страни и државните институции, резултатите од проектот ќе бидат споделени со пошироката јавност. Последователно, за феноменот на „мрежите духови“ во Охридското Езеро, но и како глобален проблем, истакнувајќи го негативното влијание на овие мрежи врз животната средина, популациите на ендемичните видови на Езерото, регионалниот туризам, како и локалната економија ќе биде организира дискусија со учесниците. Целта на овој дијалог е размена на идеи за справување со овој проблем и поставување основа во соработка со локалната заедница за идни проекти за заштита во регионот.