Пецаков: Со Народното востание на 11 Октомври нашиот народ го докажа својот државотворен капацитет
Градоначалникот Кирил Пецаков упати честитка по повод 11 Октомври, Денот на Народното востание.
Со Народното востание нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава, со 11 Октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Граѓаните на Македонија знаеа да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја, се вели во честитката од градоначалникот.
„Денес, после многу години не бледнее споменот на 11 Октомври, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината. Слободата и мирот кои ни ги оставија нашите предци нема да дозволиме никогаш да ни бидат одземени и загрозени. Придобивките од Македонската револуционерна борба не обврзуваат сите да продолжиме да ја градиме нашата татковина како современа, демократска и правна држава во која секој граѓанин ќе има еднакви можности да креира пристоен и примерен живот за себе и за своето семејство.“ – вели градоначалникот во честитката.