Авантура на падините на убавата Галичица за дечињата со посебни потреби
Здружението на Планинари „Великамен“ и Здружението на родители на деца со посебни потреби „Тајните на моето срце“, ја реализираа Втората планинарско-рекреативна акција за лицата со попреченост. Настанот беше реализиран во насока на промовирање на спортски начин на живеење како и негување на природата, а целта на акцијата повторно беше да се подигне свеста за лицата со попреченост и да се направи нивна инклузија во сите сфери на општеството, велат организаторите.
„Нашето Здружение на планинари „Великамен“ ја прави оваа акција за лицата со попреченост, со цел да се поттикне спортскиот дух и автоматски да се створат едни здрави навики на живеење и на здрав живот. Најважно е да се упати еден апел до другите друштва, да се направи една инклузија на овие лица, со цел да имаат подобра социјализација, повеќе дружење, шетање во природа.“ – изјави Бобан Блажески – Водич на планина ЗП „Великамен“.
На лицата со попреченост не им се потребни само пасивни третмани во затворени простории. Не е потребен само престој во затворени дневни центри, каде подолго време минуваат пред телевизор. Треба да се занимаваат со спортски активности, да го развиваат својот дух и да ја зголемат својата самодоверба, посочи Александра Кристоф Апостолова Сабрас, дефектолог.
„Конечно мора да се направи вакво нешто. Децата со попреченост не само класично да се носат на екскурзии и да се јади по некој сендвич, туку да можат да го развијат спортскиот дух, да ги урнат бариерите и препреките, да се почуствуваат корисни и рамноправни членови на ова општество, и дека може да искачуваат врвови. Верувам дека оваа акција, која нема да застане тука, ќе продолжи понатака, се надевам дека ќе успееме да искачиме повеќе тури.„ – изјави Александра Кристоф Апостолова Сабрас – дефектолог.
Здружението на родители на деца со посебни потреби „Тајните на моето срце“ им помага на дечиња од социјално загрозени семејства, деца без родители и деца со посебни потреби. Досега има помогнато на 40 деца. Здружението пак, на планинари „Великамен“, е формирано со слободно здружување на граѓаните, заради остварување и усогласување на своите заеднички цели и интереси и заради вршење на активности во областа на планинските спортови и зачувување на животната средина. Акцијата беше потпомогната од Општина Охрид и Црвен крст Охрид.