Skip to main content

УНЕСКО препорака – затворање на нестандардните депонии

Да се забрза изградбата на регионалната депонија во Новаци

Да се забрза процесот за изградба на регионалната депонија во Новаци, за да се стави крај на загадувањето на водата, воздухот и почвата. Според последните најави на министерството за животна средина, се очекува до крајот на годинава  да се распише повикот за набавка, а до првата половина на 2024 да започне и градба на депонијата во Новаци, каде ќе се депонира сметот од Југозападниот и пелагонискиот регион.
 |  инфодеск  | 
Новаци

Еколозите апелираат да се забрза процесот за изградба на регионалната депонија во Новаци. Најавената современа депонија  со седум претоварни станици предвидено е  да го депонира  сметот од целиот Југозападен и пелагониски регион.

 Со неа ќе се стави крај на загадувањето на водата, почвата и воздухот, што е клучна препорака на Унеско,  а особено се однесува на двете супстандардни депонии охридската на Буково и струшката лоцирана во самиот град.

„Депонијата регионална, уште од почеток се направија погрешни потези што се типуваше депонијата да се изгради во Дебрца што е сосема погрешен потег во сливното подрачје на Охридското Езеро да имаме депонија, а имаме езеро со голем потенцијал со вода и риба”, вели Лазе Наумоски еколог.

Еколозите велат треба да се работи и на расчистување на големиот број диви депонии на брегот на Охридското Eзеро вдолж двата градови, но потребна е и еколошка едукација на населението.

„Свеста е на ниско ниво многу, можам да кажам балкански менталитет да бидеме реални. Кај нас нема свест, секој фрла каде ќе стигне отпад и ќе има корпа а пак ќе го фрли настрана”, додава Наумоски.

Според последните најави на министерството за животна средина, се очекува до крајот на годинава  да се распише повикот за набавка, а до првата половина на 2024 да започне и градба на депонијата во Новаци. Овој капитален  инфраструктурен проект се очекува да биде готов до јануари 2027 година.

Новинар Соња Рилковска