Илјада семејства од охридско-струшкиот регион немаат ниту за леб
Илјада семејства од охридско- струшкиот регион живеат во сиромаштија. Економската, енергетската криза и поскапувањето на цените на храната се причините за се поголем број семејства да се борат со глад. Најпогодени се многудетните семејства, заедници со болни и инвалидизирани и самохраните родители.
Од Црвениот крст велат секојдневно добиваат барања за помош во храна, облека и основни намирници.
„Добро е да има многудетни семејства, но не е добро тие да се борат за опстанок и за живот, за храна. Има многу такви семејства особено сме осетливи и фокусирани на тие семејства, тоа се претежно самохрани родители”, вели Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид.
Во охридскиот регион има околу 600, во струшко околу 400 семејства кои се борат со глад, а добиваат социјална поддршка од Центарот за социјални работи.
„Бројот на социјално загрозени домаќинства бидејќи станува збор за варијабилна бројка оваа година според нашата евиденција во првиот и вториот квартал имаме благо намалување на корисници споредбено со минатите години”, вели Мевмед Халили директор на Центар за социјални работи Струга.
Црвениот крст од двата градови оваа недела за борба против гладта собира помош во финансии, храна и средства за хигиена за семејствата кои живеат на работ на сиромаштија.
Новинар Соња Рилковска