Маричиќ: Туризмот е на врвот на приоритетите на Европската Унија
Нема посоодветно место од Охрид за темата „Негување на културното наследство и природната убавина за одржлив туризам.” Токму Охрид ни ги носи Европа и светот дома кај нас. Европа го препозна Охрид како едно од најатрактивните туристички одредишта. Како еден од најдинамичните економски сектори, туризмот е на врвот на приоритетите на Европската Унија, ЕУ на туризмот гледа како на исклучително значајна економска активност, со широко влијание врз економскиот раст, вработувањето и целиот општествен развој. Охрид оваа година ќе ја запише како една од најуспешните, ако не и рекордна туристичка сезона. кажа вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на трибината што во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ вчера вечер се одржа во Охрид.
„Туристичкиот промет во земјата забележа раст и во вториот квартал на оваа година, и тоа за 28 проценти споредбено со лани. Двата квартали во 2023 година се со раст за 24 проценти споредбено со минатата година и остварени приходи од 229 милиони долари од туризмот. Овие бројки со сигурност најавуваат дека оваа година ќе биде рекордна во приходите од турзмот, со остварување на проектираните 520 милиони долари, што е највисоко остварување девизни приливи во дејноста од 2019 година, рече тој.“ – кажа Маричиќ пред присутните во големата сала во Центарот за култура.
Од околу 700 проекти, голем дел во туристичкиот сектор и развојот на прекуграничната соработка се реализирани со 80 милиони евра од фондовите на ЕУ, посочи вицепремиерот. Со секој чекор во претпристапниот процес кон ЕУ ќе се отвараат нови и уште поголеми можности за фондови и поддршка од Брисел, но и за развој на туристички капацитети и за нови туристички понуди.
„Заедно со соседна Албанија не чека многу работа во чување на овој скапоцен регион кој има повеќе прекугранични проекти за заштита и унапредување на туризмот, затоа поддршката од ЕУ е исклучително добредојдена. Наша должност е да не го загрозуваме овој бисер, туку да го унапредуваме и заштитиме.“ – рече Маричиќ.
Покрај културното наследство и природата треба да биде ставена на пиедестал доколку сакаме да имаме одржлив туризам – кажа Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Таа истакна дека во поглед на животната средина визијата е насочување на земјата кон поурамнотежен развој, преку превенција и воведување на концептот на одржливост. Централната, локалната власт и секој поединец има обврски и закони кои треба да ги почитува, кои се усогласени со европската легислатива.
„На неколку сектори особено треба да обрнеме внимание. Јас како приоритетен го потенцирам секторот отпад. Мислам дека таму сите треба да вложиме многу заеднички напори за да воспоставиме конечно една регионална инфраструктура по европски стандарди. Во процесот секако дека ни помага ЕУ и меѓународните финансиски институции. “- кажа Шукова.
Министерката посочи дека покрај модерен регионален систем за управување со отпад со европски средства ќе обезбедиме чиста вода за пиење за секое домаќинство, собирање и прочистување на отпадни води за сите општини во државата, ќе ги зголемиме површините на заштитени подрачја и ќе воспоставиме сериозна заштита на природните вредности и нивно одржливо управување. Еу ќе ни помогне да го намалиме загадувањето на воздухот преку воведување почисти технологии и еколошки системи за затоплување.
Кампањата „Ние сме Европа“ ја организираат Секретаријатот за европски прашања и Владата, со цел, како што најавија, афирмирање и промовирање на европските вредности, продлабочување на дијалогот со граѓаните за можностите и придобивките кои ги нуди пристапувањето и членството во ЕУ.