Црвен крст Охрид и Лајонс клубот Десарети поделија хуманитарни пакети на 30 семејства
Денес започна поделбата на хуманитарни пакети на социјално загрозените семејства од Охрид и Дебрца, кои во рамки на акцијата за Недела на борба против гладта од 16-22 октомври, во организација на Црвен крст Охрид, ги обезбеди Лајонс клубот Десарети.
„Традиционалната соработка со хуманите луѓе од оваа општествено одговорна организација, резултираше денес да бидат помогнати со прехрамбени производи и средства за хигиена 30 семејства од Охрид. “ – вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Хуманитарната акција под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“ продолжува и е насочена кон прибирање на доброволни прилози во прехрамбени производи и парични средства од хуманите граѓани и општествено одговорните компании, наменети за набавка и подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.
До крајот на оваа недела во поголемите градски маркети се поставени пунктови на Црвен крст Охрид со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи.
„Уште еднаш упатуваме апел до нашите сограѓани, компании, фирми, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција на Црвен крст Охрид и според своите можности дадат придонес во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца. “ – апелираат од охридската хуманитарна организација и воедно изразуваат благодарност за поддршката и помошта во реализација на хуманитарните активности.