Skip to main content

Безбедносни предизвици

Нема реална закана за безбедноста во државава, оценува Министерката за одбрана

Институциите и безбедносно разузнавачките служби будно го следат развојот на состојбата на Блискиот Исток и војната во Украина и разменуваат информации во рамки на НАТО алијансата, уверува министерката. Врховниот командант на вооружените сили, претседателот Пендаровски, пак, најави свикување на Советот за безбедност.
 |  Маја Савиќ  | 

Во Македонија во моментов не се  лоцирани закани по безбедноста на државата и на граѓаните, вели Министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат актуелните воени конфликти во Израел и Газа, како и војната во Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и се подготвуваат доколку се лоцира предизвик соодветно да одговорат, изјави министерката.

„Секогаш кога се отвора нов воен конфликт низ светот, тој предизвикува одредени проблеми, пореметувања во постојаното функционирање на државите без оглед дали е тој поблиску или подалеку од нас. Што поскоро завршат воените дејствија, час поскоро може да се седне на маса и да се разговара за сите проблеми што ги поттикнале конфликтите. Знам дека многу од проблемите се тешки, причините за случувањата се проблематични, меѓутоа ништо не е повредно од човечките животи“ – рече Министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Петровска рече дека до овој момент до неа нема пристигнато барање за физичка заштита на припадниците на еврејската заедница во земјата и нивните верски објекти, одговарајќи на новинарско прашање во контекст на мерките кои се преземаат во некои земји  поради развојот на ситуацијата на Блискиот Исток.

„Координацијата на безбедносно – разузнавачките служби и информациите што се разменуваат покажуваат дека сега закана нема, независно дали се работи за припадници на една заедница или кон некакви објекти, но тоа не значи дека институциите остануваат само на таа информација. Ќе ги следиме случувањата и доколку е потребно и се укаже некакво вид безбедносна закана, не само Евреите туку секој еден граѓанин на нашата држава ќе биде соодветно заштитен.“- рече Петровска.

Министерката за одбрана оценката на безбедносната состојба ја даде во Охрид каде учествуваше на средба на припадниците на доброволните противпожарни друштва од земјава. Изјавата доаѓа откако Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски најави дека во наредните денови ќе го свика Советот за безбедност за состојбите на северот на Косово, војната во Украина и конфликтот во Израел.