Двојно намалена побарувачката на дрво за огрев во Охрид. И покрај високите сметки за електрична енергија, голем дел од граѓаните веќе ги заменаа печките на дрва, па се греат на струја. Влијание имаат и субвенциите за набавка на клима уреди, кои беа реализирани изминатите години, во насока на подобрување на еколошката средина.
Од подрачната служба на ЈП Македонски шуми велат побарувачката на дрва е преполовена во однос на минатата година, иако дрвото според нив се уште e исплатлива опција за загревање. Цената за метар кубен буково дрво е 2850, додека дабовото дрво чини 2950 ден.
„Оваа година побарувачката за огревно дрво е драстично намалена, од една проста причина што оваа година немаме разлика во цените на алтернативните горива како што беа пелетите и фамата дека ќе нема електрична за греење”, вели Славчо Голабоски раководител на подрачната единица на ЈП Македонски шуми Охрид.
Просечно едно македонско домаќинство годишно троши од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Според пресметките базирани врз сегашните цени за греење со огревно дрво, зависно од квадратурата се издвојува од 19 до 30 илјади денари годишно.
„Во Југозападниот регион на Македонија по некоја традиција и навика повеќе преферираат луѓето да се греат на дабово дрво. Меѓутоа во последно време побарувачката е иста и за буковото дрво, би рекол пола пола. Во претходниот период некаде трошиме од 35 до 37 000 просторни метри огревно дрво”, додава Голабоски.
Покрај компаниите, голем дел од домаќинствата, со почетокот на енергетската криза, засилено вложуваат во фотоволтаици, кои се впрочем најисплатлива варијанта за греење на долг рок.
Новинар Соња Рилковска