Од утре започнува бесплатната и комерцијалната вакцинација против грип
Утре почнува вакцинацијата против сезонски грип во епидемиолошките амбуланти на Центарот за јавно здравје во Охрид, Струга и Дебар. Имунизацијата ќе се одвива секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот. За граѓаните кои спаѓаат во петте ризични категории: лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години вакцинацијата е бесплатна. Оние кои се пријавиле на порталот vakcinacija.mk преку СМС порака или на е-mail ќе добијат точен термин за примање на вакцината.
Покрај бесплатната вакцинација, Центарот за јавно здравје Охрид обезбеди и комерцијални вакцини за заштита од сезонски грип. Цената за една доза е 700 денари, а за примање не е потребно претходно закажување.
Од Институтот за јавно здравје информираа дека во периодот од 9-ти до 15-ти октомври во Република Македонија пријавени се 66 случаи на сезонски грип. Ова е зголемување за 2,1 пати во однос на претходната недела. Оттаму потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, особено за ризичните групи граѓани.