Казнети два маркети од струшко за непочитување на гарантирани цени
Два маркети од струшко заработија парични казни по 3 200 евра , а еден доби и забрана за работа. Ова е епилогот од засилените контроли на пазарниот инспекторат во Струга изминатиов месец.
Дел од трговците не ги почитуваат одлуките на владата за гарантирани цени на прехрамбените производи, пијалоци и овошје и зеленчук. Не се јасно обележани производите со налепница, но и не се намалени за 10%.
„По одлуките на владата извршени се вкупно 45 надзори со записник и издадени се два платнени налози во вредност од 6 400 евра. Инспекторите се постојано на терен работиме и со прекувремени часови во сила се три одлуки на влада и апелираме до граѓаните да пријавуваат нерегуларности” изјави Шпенди Илјази раководител на пазарниот инспекторат Струга.
Воведувањето на гарантирани цени на основните прехрамбени производи, не го подобри животниот стандард, се жалат граѓаните.
Дополнително велат дел од трговците не ги ни почитуваат мерките, за што граѓаните често поднесуваат преставки до пазарниот инспекторат.
„И покрај тоа владата што се обидува да помогне, мислам дека трговците не се придржуваат на тие барања. Тешко е “.
„Тешко, се кренаа се цените, а слаби со пари сме”.
„Се е поскапено, џенем фатено”.
„Малку пензиите да ги покачат”.
За заштита на граѓаните, Владата на 18 септември донесе одлука за воведување на гарантирани цени на 25 основни прехрамбени производи, која важи до крајот на ноември. Од Владата најавија нов пакет антикризни мерки од следниот месец.
Новинар Соња Рилковска