Skip to main content

Животна средина

Палење на трска во охридско е единствен случај за кој ДИЖС поднел кривична пријава во изминатава година

Со почеток на грејната сезона започнуваат и проблемите со загадувањето на воздухот. Во охридскиот регион мапирани се 36 јавни објекти кои користат мазут или нафта. Државниот инспекторат за животна средина ги проверува емисиите на големите инсталации но и на останатите објекти кои имаат елаборати за заштита на животна средина. Оттаму велат дека препораките генерално се почитуваат. Инспекторат изминатава година поднел само една кривична пријава за загадување на животната средина.
 |  Маја Савиќ  | 

Палење на трска во Охридското Езеро е единствен случај во кој Државниот инспекторат за животна средина поднел кривична пријава во изминатава година, вели директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Сретен Стојковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Другите постапки за загадувачите биле прекршочни.

„Оваа година имаме поднесено прекршочни пријави во вредност од околу 600.000 евра. Дел се дадени на спогодување во комисијата при Министерството за животна средина, а дел се процесуирани во надлежните судови. Кривични пријави имаме поднесено само една, а тоа е за палање трската во езерото во Охридскиот регион. Тоа е кривична пријава која е поднесена во моментот.“ – вели Стојковски во неделното интервју на РСЕ.

Со почеток на грејната сезона започнуваат и проблемите со загадувањето на воздухот. ДИЖС е надлежен за големите инсталации кои користат нафта и мазут. Инспекторатот ги проверува сите иматели на А-интегрирани дозволи и нивните емисии.

„Во останатите, каде што имаат елаборати за заштита на животна средина, согласно препораките во елаборатите за правење на мерење, ги бараме мерењата дали се направени. Доколку ги надминуваат мерењата имаме санкции и ги санкционираме.“ – вели Стојковски.

Во охридскиот регион се мапирани 36 јавни објекти – загадувачи на воздухот, според неодамна објавената анализа  на Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“. Според податоците  станува збор за објекти од јавното здравство, училишта, градинки, општински и државни институции кои користат нафта или мазут.

Во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа, велат од „Шанса за Центар“.

Доколку објект од  примарното и секундарното здравство ги надминува емисиите, Стојковски вели дека државните инспектори за животна средина ги посетуваат и им укажуваат да ги проверат инсталациите, да достават анализи од горивото и повторно да направат мерења. Директорот Стојковски уверува дека сите болници, без разлика дали се од примарно или од секундарно здравство, имаат елаборати и ги почитуваат мерките и препораките.

Активистите  сметаат дека неопходно е да се врши притисок врз  пратениците во Собранието и врз советниците да се заложат за мерки во Буџетот за 2024-та со цел да се даде шанса на сите општини да станат почисти.