Tрет хуманитарно-меморијален планинарски марш „Трајан Целески – Тачо“ ќе се одржи во недела, 5-ти ноември во 9 часот.
„После три години од прераната смрт на нашиот „брат“ Тачо, споменот за него не бледнее. Неговата ведрина и дух се сеуште инспирација за многу од нас да се себенадминуваме, да помагаме. Традицијата нека се раѓа спонтано. Планинарски марш ќе има и оваа година. Истиот ќе започне во близина на неговиот дом т.е. на спортското игралиште „Стобекс“ н. Видобишта – Манастир Свети Никола, Велгошти и назад.“ – информираат организаторите.
Посочуваат дека патеката е умерена и е во должина од 10км во двата правци, а водич на турата ќе биде Дејан Ангелоски, апсолутен шампион во планинско трчање кај нас и повеќекратен победник на меѓународни трки во скајранинг.
Учесниците треба да си понесат вода, храна како и топла облека. Малолетните лица треба да се во придружба на возрасни. Секој учесник учествува на сопствена одговорност. Доброволни прилози ќе може да се остават во хуманитарни кутии на ОО „Црвен Крст“ од Охрид.