200 семејства добија хуманитарни пакети во неделата на борба против гладта
Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Охрид под мотото “Помислете и на нас” и оваа година ја реализираше кампањата по повод Неделата на борба против гладта (16-22 октомври).
Во текот на кампањата беа реализирани активности со поддршка на Лајонс клуб Десарети и Лајонс клуб Деница, како и собирни акции на храна во сите основни училишта од Охрид, како и во повеќето поголеми маркети низ градот Охрид, каде хуманите граѓани имаа можност да донираат храна и средства за хигиена за помош на најранливите.
Во текот на оваа година евидентирани се околу 900 семејства кои бараат помош и се во социјален ризик. Во текот на Неделата на борба против гладта, Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Охрид додели хуманитарни пакети на 80 социјално загрозени семејства, а од собраните материјални и финансиски средствата во текот на целата кампања од Неделата на гладта, до крај на месецот се доделени пакети на вкупно 200 семејства кои примаат социјална помош, згрижувачки семејства, бездомници, лица со инвалидитет, деца без родители и стари лица.
Од Црвен Крст се заблагодаруваат на сите вработени во Општинска организација Охрид и волонтерите на Клубот на млади за спроведувањето на акцијата, на хуманите граѓани, на училиштата и на маркетите (Миса, Тамаро, Випс, Old town-Варош) кои се вклучија со своја помош во реализацијата на акцијата.