На ден 3.11.2023 г. во просториите на ОЕМУЦ ,,Св. Наум Охридски” беше изведена симулациска вежба за евакуација при пожар.
Вежбата, којашто беше наменета за учениците од прва и трета година, беше успешно спроведена во соработка со Црвен крст од Охрид. Членовите на Локалната младинска организација при ОЕМУЦ активно беа вклучени во оваа вежба. Во улоги на: редари, актери, одговорни за успешно евакуирање на учениците и на професорите, младинците беа на висина на задачата и уште еднаш се покажаа во најдобро светло.
„Симулацијата започна со евакуација на учениците од страна на професорите и членовите на младинската заедница од училиштето, по што истите имаа можност да ги проследат процедурите за укажување на прва помош при санирање на три најчести повреди во ваква ситуација. Учесници во вежбата беа тимот за прва помош на Црвен крст Охрид како и тимот за укажување на прва психолошка помош.“ – информираа од Црвен крст Охрид.
Учениците од ОЕМУЦ по симулациската вежба проследија предавање на темата укажување прва помош од страна на обучени демонстратори по прва помош.
Со оваа симулациска вежба започнува Кампањата за укажување на прва помош на Црвен крст Охрид во сите училишта која ќе се спроведува во претстојниот двомесечен период.
Од Локалната младинска организација и училишниот центар ,,Св. Наум Охридски” изразуваат благодарност до тимот на Црвен крст од Охрид како и до сите младинци што беа вклучени во оваа показна вежба.