Со промоција на книга за 60 год. јубилеј на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ започнува одбележувањето на Денот на ослободување на Охрид
Општина Охрид и Сојузот на борци со низа настани ќе го одбележат 7-ми Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид.
Свеченостите започнуваат денеска со промоција на книгата: Детска градинка „Јасна Ристеска“ -краток историјат за периодот од 1950 до 1990 од д-р Никола Митровиќ. Промоцијата ќе се одржи во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ (централен објект) со почеток во 12:30 часот.
Утре, на празникот, делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ на градските гробишта, во градскиот парк, пред Основен суд Охрид и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Во селото Рамне пред помен обележјето на Јасна Ристеска ќе се одржи панихида и полагање букети цвеќе.
Дента својот патронат ќе го одбележи ЈП „Охридски Комуналец“ во дирекцијата на претпријатието во 10 часот.
Во 11 часот ќе има полагање на свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ во Спомен – паркот на Револуцијата. Со почеток во 11 часот ќе се одржи „Оhrid fly festival“ – проект на Параглајдинг клуб „Флај“ – Охрид; на локации во Велестово, Вила „Билјанини Извори“ и градски плоштад Охрид.
Централната свеченост ќе се одржи во Младински центар (комплекс Касарна) на која ќе има обраќање на градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков; обраќање на Претседателот на ОО на Сојуз на борци, Гоце Георгиески а настанот ќе биде збогатен со Kултурно – уметничка програма.
Вечерта во 17.00 часот во спортската сала во СРЦ „Билјанини извори“ ќе се одржи свеченa приредба по повод Јубилејот: 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска”.
Одбележувањето на Денот на Ослободувањето на Охрид ќе биде заокружено со Седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче” во концертната сала со почеток во 18.30 часот.