Енергетската криза ги притисна општините да размислуваат за обновливи извори на енергија. Во фокусот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион се проектите за подобрување на енергетската ефикасност. Годинава се реконструираа 8 објекти, училишта и општински згради, а на 6 објекти се поставија системи за фотоволтаици.
Следната година проектите на Центарот на Југозападниот регион чинат 1 милион евра, од кои најголем дел повторно се наменети за енергетска ефикасност.
„Во 2024 година практично е продолжување на активности со нови проекти повторно имаме енергетска ефикасност. Значи повторно најголем дел ќе бидат јавни објекти, училишта реконструкција со замена на кров, фасада, столарија. Друг проект заради енергетската криза ќе биде поставување на фотоволтаици.“- вели Мирјана Лозановска директор на Центарот за развој на Југозападен плански регион.
Изминативе пет години Центарот за развој на Југозападниот плански регион реконструираше 50 тина јавни објекти, а бенефитот е заштеда на електрична и топлинска енергија.
„Најважно од се со оглед на енергетската криза е намаување на трошоците за нафта, бидејќи еден дел од нив се греат на нафта и за електрична енергија. Проценката е дека најмалку 30% ќе им се намалат трошоците за загревање на објектите“, – додава Лозаноска.
Вкупната вредност на проектот за енергетска ефикасност во Југозападниот регион годинава изнесува 36,8 милиони денари.
Новинар Соња Рилковска