Skip to main content

Почит кон паднатите борци кои чуваат вечна стража над градот

79 години слободен Охрид

На олтарот на слободата на нашиот град останаа на вечна стража 40-тина храбри борци, а повеќе од шеесеттина борци беа ранети. Охрид со низа свечености оддава почит кон ослободителите.
 |  инфодеск  | 
галеби и знаме на Македонија

Охрид го празнува Денот на ослободувањето, 7- ми ноември. 79 години градот живее во мир со стремеж кон просперитет и благосостојба, секогаш сеќавајќи се со должна почит кон оние кои ги положија своите животи за слободата.

Градот Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, под притисок на германските сили тие се повлекле. После борбите помеѓу партизаните и германските сили, ноќта меѓу 7-ми и 8-ми ноември градот е ослободен. На олтарот на слободата на нашиот град останаа на вечна стража 40-тина храбри борци, а повеќе од шеесеттина борци беа ранети.

Охрид со низа свечености оддава почит кон ослободителите.

Настаните започнаа вчера, со промоција на книгата Детска градинка „Јасна Ристеска“ (краток историјат за периодот од 1950 до 1990) од д-р Никола Митровиќ- Бабе.

ЈП „Охридски комуналец” во дирекцијата на претпријатието, денеска ќе го одбележи патрониот празник на, а пред спомен-обележјата од НОБ на Градските гробишта, Градски парк, Основниот суд, во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе се полага свежо цвеќе. Со Панихида и полагање свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска во селото Рамне ќе се оддаде почит кон жртвата на народната хероина. Ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Спомен-паркот на револуцијата. Во Велестово, Вила „Билјанини Извори“ и Градскиот плоштад ќе се одржи „Оhrid fly festival“, проект на Параглајдинг клуб „Флај“.

Централната свеченост по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид ќе се одржи во просториите на комплекс Касарна од 12:00 часот. Ќе се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и и претставникот на ОО на Сојуз на борци, Гоце Георгиески. Во рамки на свеченоста предвидена е и културно-уметничка програма.

Од 17:00 часот во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одржи свечената приредба по повод јубилејот, 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска”.

Свеченостите ќе бидат заокружени со седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, што ќе се одржи во концертната сала на училиштето, со почеток во 18:30 часот.