„Лавиринтот“ нова премиера на Народен театар Охрид
Нова премиера на Народен Театар Охрид, “ЛАВИРИНТОТ” од Димо Дешев, во режија на Ѓорѓи Ризески. Овој текст за прв пат се поставува на тетарската сцена во Македонија. Лавиринт е дуо драма во која играат Ивица Цонев и Марко Богдановски, актер од тетовскиот театар. Станува збор за камерна претстава што ја прави уште поавтентична актерската игра, а тематски е актуелна и денес, вели режисерот Ризески, изразувајќи надеж дека истата ќе има многу изведби.
„Оваа претстава се направи со многу љубов и многу влог кон тетарот воопшто и на некој начин тоа беше силата и главниот мотор на целото ова случување . Тематски ова е „Лавиринтот“ со многу податлив наслов кој генерално зборува за некои работи кои јас ги толкувам како работи кои постоеле уште пред да се родам но останале и во денешницата на некој начин. Вечни теми. Менувајќи ги системите и свеста на луѓето, ние се развиваме и евалуираме, но секогаш имаме некои работи кои ни се останати, кои сеуште треба да поминат низ уште повеќе филтри, за да се евалуираме и од нив.“ – кажа, на денешната прес конференција, режисерот Ризески.
Актерот Ивица Цонев, кој толкува три од вкупно пет ликови во претставата вели „Лавиринтот“ ја носи вечната човечка слабост наречена власт и насилие, желбата на човекот да се чувствува моќен и страшен и да ги диктира животите на останатите.
„ И во името на некакво измислено државно уредување, измислена идеологија, пари, лични болни амбиции и психози да уништува се околу себе, да опустошува се околу себе. Во претставата ги толкувам овие личности. Ми беше многу љибопитно да се обидам да влезам во нивни чевли, да се обидам да разберам што се случува во нивните глави. И знаете ужасно е човек да живее со толку многу нељубов во себе, да живее со ѕверски мисли излезени од канализација. Кај нив отсутвува секаква човечка емпатија, а отсуството на љубов е главна причина за сите човечки недостатоци, аномалии и проблеми.“- вели Цонев.
Лавиринтот е четврта премиера на охридскиот Народен театар. Со полна пареа се работи во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ и Народен театар, вели директорот на установата , Горан Симоноски.
„ За разлика од претходните три проекти кои беа од Министерството за култура, оваа е од сопствена продукција. Салата, седиштата се комплетно реновирани такашто публиката ќе ужива во едно ново чувство во гледање на претставите и филмовите во Центарот за култура.„ – вели Симоноски.
Премиера на „Лавиринтот“ е закажана во петок, 10 ноември, во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20:00 часот. Цена на карта 250 денари.