ЦЈЗ Охрид: Водата од градскиот водовод во Струга е здравствено безбедна
Денеска заврши комплетната физичко-хемиска и микробиолошка анализа на примероците на вода за пиење земени на 7.11.2023 г. од градската водоводна мрежа во Струга, информираат од Центарот за јавно здравје Охрид.
„Сите анализирани параметри на земените примероци на вода се во законски дозволените граници, што значи дека согласно Правилникот за безбедност на вода водата од Градскиот водовод во Струга е здравствено безбедна. Извештаите од анализите се испратени до надлежните инспекциски органи за натамошно постапување.“ – велат од ЦЈЗ Охрид.
Оттаму апелираат до жителите на општина Струга и околните села приклучени на градскиот водовод да бидат претпазливи при користење на водата за пиење, особено за време и неколку дена после обилни врнежи од дожд. Имено, доколку водата која тече од чешмите е видливо матна и истата не се избиструва после течење на чешмата од 3-5 мин., да се избегнува користењето на таквата вода за пиење.
Центар за јавно здравје Охрид континуирано ја следи состојбата со квалитетот на водата за пиење во општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа и навремено информираме во случај на детектирани отстапувања на квалитетот на водата за пиење.