Ученички од струшкото „Нико Нестор” дел од Платформата за женско семејно претприемништво
Ученичките од струшкото училиште „Нико Нестор” ќе бидат дел од Платформата за женско семејно претприемништво. Со подршка на амбасадата на Словенија изминативе неколку месеци ученичките имаа обуки за плетење, шиење, везење, преку подобрување на рачните вештини и социјално вмрежување да стигнат до сопствен бренд.
Целта е поттикнување на претприемачкиот дух кај младите но и нивно самовработување.
„Дополнителна едукација даваме на мануелните вештини како своето знаење да го претворат во сопствен бренд и како понатаму да се развиваат, да продаваат по социјални медиуми”, вели Емилија Миладинова Аврамчева претседател на Центарот Добредојде Македонија.
„Имаме голем интерес, како прв проект се спроведува во три градови Скопје, Струмица и Струга. Се одбраа токму овие градови бидејќи сакавме да опфатиме повеќе националности”, изјави Шермин Елизи Коџачику претставник на Амбасадата на Р. Словенија.
Покрај кроење и шиење, што е дел од образовната програма во текстилниот смер, ученичките ги збогатија своите знаења за поголема креативност и дизајнирање на уникатни производи.
„Меѓутоа сега станува збор за едни нови вештини, а тоа е везење и плетење каде што учениците искрено и не беа свесни дека ги поседуваат тие вештини. Па со самиот проект дојдоа и до израз, конкретно плетењето”, вели Славица Негриеска професорка од стручното „Нико Нестор” Струга.
Креациите на ученичките од три училишта во земјава ќе бидат изложени на саемот “Во ритам на македоските занаети и креации” кој ќе се одржи на 9ти декември во Скопје, а ќе биде организирана и ревија.
Новинар Соња Рилковска