Нема да се намалуваат цените на становите во Охрид
Цените на становите во Охрид остануваат релативно високи. Метар квадратен во центарот на градот чини околу 1500 евра, во првата зона на кејот „Македонија”, недвижностите се движат од 1500 до 2000 евра за метар квадратен. Надвор од централното подрачје цените се движат од 1 100 до 1 300 евра за метар2.
Според добрите познавачи цените нема да се намалуваат, се очекува да останат непроменети или да растат.
„Цените ги диктира пазарот а пазарот го создава понудата и побарувачката. Ние имаме помала понуда но имаме многу поголема побарувачка. Така да не очекуваме цените да одат надолу, трендот ке биде да одат цените нагоре. 0733Во иднина очекувано е дека Охрид како топ туристичка дестинација цените ќе одат нагоре”., вели Наташа Спасеска агент за недвижности.
Голем интерес има и за градежни инвестиции на брегот на Охридското Езеро од населбата Рача до Пештани, но потребна е урбанизација.
„Особено е голем интересот за инвестирање во градежни парцели, каде што потенцијалните куувачи сакаат да изградат луксузни вили со поглед на Охридското Езеро, и за таа цел потребно е да се изврши урбанизација на тој дел како би се создале услови за да може да се задоволат условите на тие клиенти”, додава Спасеска.
За разлика од минатото, последниве години Охрид бележи умерена урбанизација, согласно препораките на Унеско. Понудата е помала, но поквалитетна.
Новинар Соња Рилковска