Skip to main content

Ногачески: Државата која ги одредува цените на водата и струјата, нека го преземе водоснабдувањето

Државата која ги формира цените на струјата и водата да ги превземе од Општина Дебрца ингеренциите во делот на водоснавбдувањето, бара Градоначалникот Ногачески, откако по трет пат, поради неплатен долг, ЕВН ги исклучи од напојување пумпните станици во општината. ЈКП Дебрца наплатува најниска цена на вода, а на ЕВН и плаќа индустриска цена за струја со што состојбата е невозможна, резигнирано вели Ногачески.
 |  Маја Савиќ  | 
Дебрца

Општина Дебрца наплатува најниска цена на вода, а на ЕВН и плаќа индустриска цена за струја на пумпните станици. Во такви услови ЈКП Дебрца и со 200% наплата на вода не може да ги подмири долговите кон ЕВН, вели градоначалникот Зоран Ногачески.

Реакцијата доаѓа откако поради долг кон ЕВН сите пумпни станици во општина Дебрца  од вчера претпладне се исклучени од електрично напојување со што без вода за пиење останаа жителите на 10-тина села и Меѓународниот аеродром Св Апостол Павле кој е приклучен на тој водоснабдителен систем.

„Сметам дека ваквото исклучување е спротивно на правилата за снабдување со електрична енергија Член 44, бидејќи таму е дефинирано дека операторот не смее да исклучува струја доколку со тоа се загрозува животот и здравјето на граѓаните вклучително водоснабдителните објекти. Меѓутоа операторот може да побара од корисникот склучување на  спогодба односно регулирање на начинот на плаќање на заостанати сметки.“ – вели Ногачески.

Јавното комунално претпријатие Дебрца  се соочува со сериозни проблеми за плаќање на сметките за струја  со напластен долг од над 18 мил денари од кои половина се од минатата година кога беше зголемена цената на електричната енергија, но  истиот со одлука на Совет беше преземен од страна на општината.  Од август со месечни рати долгот се сервисира.

Во меѓувреме се појави долг од 40000 евра и кога ЈП доби известување од ЕВН дека ќе се пристапи кон исклучување и за таа сума , беше испратен допис до ЕВН со кој се предложи ЈП да  склучи спогодба и тој долг да се сервисира на одредени рати.“ – информира градоначалникот.

Меѓутоа од страна на ЕВН јавното комунално претпријатие не добило никаков повратен одговор и екипите пристапиле кон исклучување, вели градоначалникот. Ова не е прв пат да се исклучи од напојување водоснабдителниот систем во општината. Истото се случи и во месец мај годинава.    Состојбата е невозможна, вели градоначалникот.

„Од една страна при утврдување на цената на водата се бара од ЈП да се запази социјалниот момент, да се формира некоја цена којашто ќе биде прифатлива за граѓаните и кај нас таа е формирана на 19ден/м3, а од друга страна при утврдување на цената на струјата се зема индустриска, највисоката можна цена. ЈП и општината не се производни претпријатија за да плаќаат индустриска цена.“ – вели Ногачески

Со оглед дека водоводните претпријатија се во незавидна положба и само трупаат долгови за струја, државата која ги формира цените на струјата и водата, нека ги преземе од општината ингеренциите во делот на водоснабдување, вели резигнирано Ногачески.