Потребна е поголема свесност за културното и природно наследство во Охридскиот регион
Охрид не е музеј, но е светско наследство и треба да се развива во строго утврдени рамки, смета научната фела. За жал , недоволната грижа за културното и природното богатство го доведоа регионот во опасност да биде впишан на листата загрозено подрачје.
Според експертите грижата не е само на институциите, локалната и државната власт, потребна е поголема свесност и од страна на населението.
„Она што сакам да го истакнам е дека институциите секако ја имаат својата улога, но и ние како граѓани. Ние како граѓани треба да знаеме дека културното наследство е предмет на заштита во еден поширок контекст. Секое наше делување, било да е тоа економско поврзано со целокупната наша активност мора да биде во духот на заштитата. Да гледаме со тоа дали придонесуваме во заштитата или му штетиме. На крајот на денот ние сме горди што сме дел од овој регион но не треба само зо зборови тоа да го покажуваме туку и со дела. Значи заштитата е општа одговност”, вели професорот по културно наследство на ФТУ Охрид Сашо Коруноски.
Унеско е бренд, заштитен знак на Охридскиот регион и еден од основните мотиви за привлекување на се поголемиот број странски гости од целиот свет.
„Се прават и анализи и точно може да покажеме што имаме ние од Унеско, заштитниот знак. Затоа што тоа е бренд и тој носи туристи. Ние сега балансираме ако одиме во економска смисла колку добиваме а колку трошиме. Може и така анализа да се направи. Секако дека тука ќе биде можеби балансирано, но од друга страна вие имате еден квалитетен простор кој што едно е да живеете во еден прекрасен и квалитетен простор а друго е да живеете во еден простор кој што е деградиран”, додава Корунски.
На последната Конференција на Унеско во Париз пред десеттина денови заклучокот на Комитетот е дека е забележан ограничен напредок во однос на спроведувањето на многу од препораките на мисиите и барањата на Комитетот кои се повторуваат
Невладините алармираат, велат проблемите не се решаваат, туку се одолговлекуваат, а извештаите кои ги доставуваат македонските и албанските институции се само убаво напишани реферати, без каква било допирна точка со реалноста.
Новинар Соња Рилковска