Во ЦЈЗ Охрид од јануари и анализи за респираторни инфекции со молекуларна дијагностика
Од месец јануари, следнава година, во Центарот за јавно здравје Охрид се очекува да биде проширена листата на анализи со новата лабораториска опрема за молекуларна дијагностика, со воведување и респираторен панел за анализи на респираторни инфекции.
„Во план сме да воведеме респираторен панел, со кој сите најчести респираторни инфекции, овде особено кај децата, ќе може да се откријат и дијагностицираат и понатаму да се третираат од страна на педијатрите.“ – вели директорот на Центарот за јавно здравје Охрид, Сашо Точков.
Тоа ќе значи пософистицирано, попрецизно и побрзо утврдување на вирусите, бактериите како причинители на респираторни инфекции. А тоа се овозможи со најсовремената апаратура и целосно автоматизиран систем за молекуларна дијагностика кој неодамна го воведе Центарот. Екипираноста е многу важна кога станува збор меѓудругото и при воведувањето на нови методи и анализа. Во Центарот навистина фали персонал, вели директорот Сашо Точков додавајќи дека веќе е доставено барање до Министерството за здравство и Министерството за финасии.
„Kај нас по пат на пензија замина голем број на кадар, и лекари и медицински сестри и мораме тоа да го надополниме и се надевам дека ќе имаат слух од министерствата, со цел да ги задоволат нашите амбиции во овој регион да овозможиме брз, лесен и професионален пристап и задоволување на потребите на пациентите. Тоа е и целта на нашата институција и се трудиме да одговориме на сите барања на нашите пациенти и со воведување на нови методи и осовременување на постоечката и воведување нова опрема.“ – велиТочков.
Центарот за јавно здравје, со новата технологија која претставува врв во дијагностиката во моментов, е достапен за сите пациенти од регионот на Охрид, Струга и Кичево кои имаат потреба од лабораториска дијагностика за типизирање на ХПВ вирус и определување на кламидија трахоматис инфекции со PCR метода. Трошоците за овие како и за новате анализи на респираторни инфекции кои за брзо ќе се воведат, се покриени од Фондот за здравствено осигурување.