Започна Божиќниот пост
Денес започнуваат Божикните пости во чест на празникот Христово рождество, кои ќе траат до 6-ти јануари.
Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик 7-ми јануари – денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28-ми ноември, а завршува на Бадник, 6-ти јануари.
Божикниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по Велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна Божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење на вино, зејтин и риба. Строгиот пост на вода се налага во првата и последната недела, како и секоја среда и петок. За време на Божикниот пост посни се и сите славски трпези.
Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.
Македонската православна црква вели дека под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата.
„Постот можеме да го поделиме на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Овие денови точно треба да се запазат и никој да не измислува, без благослов, повеќе или помалку од она што Црквата од Светиот Дух вдахновена го определила, велат од МПЦ-ОА.
Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови.
Во Православната црква практика е во текот на Божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божик. Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.