Почнува Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје
Од денеска до петок во Скопје ќе се одржи 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, на кој ќе учествуваат делегации од 57-те земји-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Во Скопје се очекува да присуствуваат околу 1.000 учесници, вклучувајќи ги американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Денеска министрите и членовите на нивните делации ќе имаат неформална вечера, на која е најавено присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, шефот за европската дипломатија, Жозеп Борел. Неформалната вечера ќе се одржи во хотелот Александар Палас.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека подготовките за овој настан траеле цела година, а во нив покрај МВР се вклучени и голем број други служби.
Една од главните точки на советот на министри на ОБСЕ ќе биде и изборот на следен претседавач. На постојаниот совет на амбасадори 57 земји постигнаа согласност да ја поддржат кандидатурата на Малта како иден претседавач.
Освен за иднината на ОБСЕ во Скопје претставници на 76 држави ќе разговараат и за актуелните конфликти во светот, а една од темите за кои ќе се организира и одделен настан во рамки на Министерскиот совет, е одговорноста за злосторствата во Украина и ослободување на заробениците.
фото: МНР