Утре градската библиотека симболично го отвора депото за редок библиотечен фонд
Утре, четврток, од 12 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид со пригодна свеченост со наслов: „Св Климент во колективната меморија на Охрид “ ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот.
Оваа 2023 година со финансиска помош од 300 000 денари од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија , Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и создавање услови за Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување.
„Симболично со видео приказ ќе биде отворено новото депо а ќе биде промовиран и каталогот за дел од реставрираните книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид . За првпат во Каталогот се објавени конкретни факти за богатиот трезор од ретки книги во Библиотеката од кои најстарата ПРОХОР-ПЧИЊСКО ИЗБОРНО ЕВАНГЕЛИЕ датира од последната четвртина на 16 век. Таа е сопственост на Библиотеката од Охрид, но се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.“ – информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.
Во Охрид во реткиот фонд има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945 година напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени 65 книги.
„За првпат светлината на денот јавно во пишан документ во овој каталог по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јанески, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.Библиотеката го поседува и фототипното издание на „Бели мугри“ од Рацин издадено 1939 година.“ – посочуваат од библиотеката.
На истиот настан ќе следи и презентација на Проект за изградба на пристапна рампа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од младите охридски архитекти здружени во Колектив АРХРИД.
Ќе бидат доделени и награди на учениците од основните училишта за најдобрите поетско – прозни творби од распишаниот конкурс по повод Месецот на книгата на тема: „Среќа“
По повод 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски и патрониот празник до крајот на декември бесплатно ќе бидат зачленети 70 ученици од петто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид.