Изработена прва база на податоци за пештери во Национален парк Галичица
Изработена е база на податоци за пештери во Националниот парк Галичица која е прва од ваков вид во нашата држава.
Изработката на базата на податоци се темели на научно-истражувачки активности реализирани преку соработката помеѓу Црвен крст Охрид, Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, Јавната установа Национален парк Галичица и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид. Реализираните проектни активности резултираа со нови сознанија за пештерите на Галичица.
На територијата на Националниот парк Галичица евидентирани се повеќе од 40 пештери. Базата на податоци опфаќа 22 карактеристики за секоја пештера.
Истражените пештери се разликуваат според своите морфолошки карактеристики, начинот на постанок, застапеноста и видот на пештерски украси. Температурата на воздухот во пештерите е различна и се движи од 6°C до 16°C, додека влажноста на воздухот во пештерската средина е од 55% до 99.98%, посочуваат учесниците во проектот.
Потенцираат дека пештерската фауна е разновидна со тоа што дел од видовите кои ги регистрирале при истражувањата се нови за научната литература и за прв пат евидентирани во заштитеното подрачје на Галичица. Додаваат како интересен факт дека од 20 евидентирани видови лилјаци на Галичица, за 9 видови, пештерите претставуваат живеалиште.
Базата на податоци е изработена во рамки на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ кој е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, a го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.