Вечерва ќе се одржи Свечената академија по повод Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид
Охрид со повеќедневна богата програма достојно го одбележува празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот.
Чествувањето започна со промоција на книгата „Oхрид и охридско 1918-1929“ од проф. Михаил Патчев. Вчера во OСУ „Св. Климент Охридски“ беше поставена изложба на ученици и беа доделени наградите на најдобрите литературни и ликовни творби. Учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето одржаа музички концерт. Во Центарот за култура „Григор Прличев“, ООУ „Св. Климент Охридски“ го прослави својот патронат со свечена приредба.
Во куќата на Уранија – МАНУ, денеска ќе биде отворена изложба на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка. Во 19:00 часот во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клуб „Охрид“, по повод Јубилејот 25 години од формирањето.
Централната свеченост, Свечената академија по повод празникот 8-ми Декември, Денот на Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид ќе се одржи во 19:30 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ на која ќе бидат доделени највисоките општински признанија, Светиклиментовата награда и Повелбите.
Утре е предвиден поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски во ООУ „Свети Климент Охридски“, а на пладне ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад. Програмата предвидува и врачување награди на најдобрите поетски творби на конкурсот по повод Патронот на Охрид. Чествувањето ќе биде заокружено со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на режисерот Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19:00 часот.