Поволна безбедносна состојба на подрачјето на СВР Охрид
Безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Охрид и на регионалниот центар „Запад“ во 2023 година е поволна, без индиции да биде нарушена, а благодарение на рано детектирање на новите трендови и закани се олеснува превенцијата и борбата против криминалните појави. Ова го посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој заедно со дел од раководството на МВР и на Бирото за јавна безбедност беше во посета на Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ во Охрид, каде што оствари работна средба со раководствата на СВР Охрид, СВР Битола и на центарот „Запад“.
Спасовски изнесе дел од резултатите на СВР Охрид за 2023 година споредбено со предходната година.
„СВР Охрид бележи намалување на криминалитетот за 18.8 проценти, додека ефикасноста во расчистување на кривичните дела со непознат сторител изнесува 44 %. За одбележување се и контролните активности на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, каде периодов беа пронајдени 620 рибиловни мрежи со 337 килограми заловена риба. “ – истакна Спасовски.
Економскиот криминал бележи намалување од над 11% на ниво на овој сектор, додека во делот на недозволена трговија со дрога во текот на оваа година поднесени се 133 кривични пријави.
„Динамиката на откривање и спречување е посебно нагласена во втората половина од годинва кога е реализирана заплена на наркотична дрога во 78 наврати.“ – рече Спасовски.
Регионалниот центар „Запад“ оваа година бележи зголемен проток на патници на граничните премини и тоа за 11% споредбено со 2022 при што на граничните премини во регионот влез и излез оствариле 3,4 милиони патници. А што се однесува до илегалната миграција тенденцијата е иста како во генерални рамки, при што се бележи намалување на обиди за илегални преминување на границата.
Министерот изрази уверување дека вработените во овие две организациони единици ќе продолжат со несмален интензитет да бележат позитивни резултати и подигнување на безбедноста на заедницата притоа градејќи партнерски однос со граѓаните.