Oхриѓанки меѓу најуспешните жени за 2023
Жени од Охрид меѓу најуспешните во земјава. Мотивациски говорници, дел номинирани и прогласени за најуспешни жени на годината. На манифестацијата „Жени претприемачки“, која традиционално по шестти пат вчера се одржа во Скопје титулата најуспешна жена за 2023 во областа на културата ја понесе Наташа Поповиќ, директорката на фестивалот Охридско лето. Наградата и беше доделена за нејзиниот придонес на полето на културата и успешното менаџирање на најреномираната музичко сценска манифестација во земјава.
Поповиќ е Генерален менаџер на невладината организација „Линеа“ за меѓународна соработка со уметноста и музиката. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија. Во својата презентација за патот до нејзиниот успех, Поповиќ кажа дека претприемничкиот дух е резултат на многу труд, љубов, мотивираност, но и поддршка од целиот тим.
–Не е лесно жена да се биде менаџер, но истовремено сметам дека жената е секогаш посилна бидејќи со своето работење и знаење, со својата насмевка, многу полесно ги отвора вратите отколку мажот. За да се биде успешен менаџер, човек треба да се надградува секојдневно. Да се информира, да прифаќа примери од други, да ги спроведува истите, но и да биде иновативен, да смисли нови начини, нови нешта во унапредувањето на институцијата со која раководи.Не е лесно да се менаџира. Сите ние кои сме јавни личности, сме изложени на критики, па дури и напади од страна на јавноста. Некои се добронамерни, некои не, но како и да е, ние не треба да се конфронтираме со тие што мислат така, но со работа и со успешно менаџирање да им докажеме на тие што не се во право дека грешат, додаде Поповиќ.
За инфлуенсерка на годината беше избрана популарната Мејк ап артистка од Охрид Мери Бајрамоска.
Ова награда ми преставува голема чест и поттик за понатамошен успех бидеќи, не е доволна само моќта на тоа што го работите туку треба некој и да го препознае тоа, вели Бајрамовска.
Tитулата Жена на годината ја понесе маестра Бисера Чадлоска, музичкиот селектор на фестивалот Охридско лето.
– Трчајќи од генерална проба да стигнам цел МОБ го кренав на нозе побрзо да заврши за да дојдам да сум тука со вас. Реков да напишам неколку збора оти нема да знам што да кажам. Оваа награда ја посветувам на моето семејство и на сите жени кои се борат во својот живот, се исправаат со професионалните предизвици гордо се исправаат пред предрасудите, трчаат насекаде за да стигнат да ги однесат децата на училиште да учат со нив математика и физика и да се посветат и на себе си и на своите партнери. Ви благодарам многу“, рече Бисера Чадлоска.
Под мотото „Духот на претприемништвото доловено преку искуства и успеси“, жените сопственички на свој бизнис, жените со неограничени претприемачки идеи, жените менаџери, лидери во својата професија, споделија примери како да се биде сè поуспешен во својата работа.
Свое мотивациско обраќање на настанот имаше и охриѓанката Мери Шешо Најдеска жена лидер, оперативна директорка на Monks Agency, магистер по маркетинг и трчачки ентузијаст, која е позната во динамичниот свет на дигиталниот маркетинг.
Новинар Соња Рилковска