На иницијатива на СВР Охрид, денеска во општина Охрид се одржа работен координативен состанок со службите на локалната самоуправа, пазарниот општински инспекторат, трудова инспекција, инспекторат за туризам, јавните претпријатија како и претставници на хотелско-угостителските објекти. Целта е поцелосно дефинирање на мерките и координирање на активностите со цел подобрување на севкупната безбедност во градот во пресрет на претстојните празници.
„На работната средба, претставниците на СВР Охрид и на службите кои вршат дејности од јавен интерес, договорија интензивни засилени мерки со цел, Новогодишните и Божиќните празници во Охрид да помиат беспрекорно и без проблеми на безбедносен план, беше договорена тимска работа и ажурност, меѓусебна координација и зголемена мобилност на заедничките тимови за поефикасно делување на целото подрачје.“ – информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Ваква координативна средба, СВР Охрид ќе оствари и со Агенциите за обезбедување кои, согласно Законот за обезбедување имаат надлежности при физичкото обезбедување на објектите во градот со цел одговорна и доследна примена на нивните овластувања.
Од агенциите ќе се бараат ажурирани безбедносни оперативни планови и прецизни прегледи на угостителските објекти со кои имаат склучено договори за обезбедување во текот на претстојните Новогодишни и Божиќни празници како и информации за одредени безбедносни согледувања и проблеми на терен кои можат да влијаат врз степенот на безбедноста на подрачјето, вели портпаролот на СВР, Димоски.